Признание на ТВ водителката Марија Георгиевска за Предводник на целите за одржлив развој на Обединетите нации
Марија Георгиевска уредник и водител на економската емисија Профит на Наша ТВ, го доби престижното признание за Поединец – предводник во остварување на целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals – SDGs) 2021 на Обединетите нации.
На гала-церемонија здружението Конект го додели одликувањето на Георгиевска, за активната улога и придонесот кој го дава, како уредник и водител, во насока на промовирање, медиумско застапување, обработка на теми во емисијата Профит, кои се клучни за подигање на свесноста кај сите чинители, особено компаниите и поединците, за целите за одржлив развој.
„Признанието претставува потврда за придонесот кој го дава правилниот концепт на емисијата Профит, која во изминатите години бележи успех и опстојува на својата определба, да биде медиумски производ, кој дава поддршка за стопанството, младите претприемачи, стартап компании, иноватори, менаџери, лидери, жени-претприемачи, земјоделци, консултанти, научни и академски граѓани. Со мисија, за осознавање на позитивните примери во стопанството, на компаниите и поединците, менаџери, лидери, а во насока на мотивирање за останатите, да се насочат кон успешно и одговорно работење, со придонес кон одржливиот развој. Како уредник и водител, сум особено горда што емисијата е единствен пример во медиумскиот простор, со ваков концепт. Сметам дека треба да биде поттик за сите останати медиуми, да дадат поголем медиумски простор за успесите на компаниите, претприемачите, млади поединци, да се покаже дека тие вредно работат и се нашата гордост, столб на нашата економија, соочени со сите предизвици. Воедно, да ги прикаже успешните компании, кои работат одговорно во заедницата. Радува фактот што, веќе во стопанството може да прикажеме такви успешни компании и менаџери кои ги прифатиле овие принципи на целите за одржлив развој и се гледа една нова перспектива на водење одржлив бизнис“, вели Георгиевска.
Одговорната потрошувачка и производство, заедно со достоинствената работа се клуч за економски развој. Бизнисите имаат одговорност да ги следат целите за одржлив развој, со што ќе покажат дека се достоинствени чинители на заедницата во која опстојуваат. Затоа и како поединци, имаме одговорна улога, да покажеме личен пример, во насока на придонесот кој може да го дадеме за застапување на целите за одржлив развој.
– „Следејќи ги состојбите во економијата, како долгогодишен економски новинар, моето мото е да ги наоѓаме и пренесеме позитивните работи, а тоа е голема одговорност и задача. Но, позитивните примери на поединци, професионалци, може да влеат оптимизам, потврдувајќи дека и во Северна Македонија може да се постигне успех, да опстојат вредностите, да се направи производ, услуга, иновација, која има светол пат кон светските пазари, што ќе биде наша гордост и ќе придонесе кон економски просперитет“, вели Георгиевска.
Целите на одржлив развој можат да отворат нови перспективи за идниот развој на компаниите, затоа е клучно да ги препознаат нивните предности и да се насочат кон одржливо работење, давајќи придонес во креирање подобро општество за сите. Признанијата за поединците и компаниите, треба да бидат мотив многу поактивно да се заложат сите чинители на заедницата, како и медиумите, за да се популаризира значењето и придобивките на Целите за одржлив развој, зошто нема друга опција, освен да се работи одговорно, во интерес на заедницата, економијата, општеството.
Целите за одржлив развој на ОН се патоказ за подобар свет и се насочени кон одржлива иднина на светско ниво, концепт што преку целите е усвоен од ООН во 2015 година од 193 држави, меѓу кои и нашата земја.