Се слави по скопските улици – Македонија оди на ЕП! (ЖИВО)
За првпат во својата историја С. Македонија ќе учествува на големиот фудбалски турнир, откако Горан Пандев со единствениот гол на мечот обезбеди победа во финалето на плеј-офот против Грузија.
По победата врз Грузија, македонската фудбалска репрезентација вечерва испиша историја, a низ улиците во Скопје веќе започна и прославата за овој голем успех.
Имено, со победата во Тбилиси над селекцијата на Грузија, Македонија за прв пат ќе игра на Европско првенство. Со еден гол во 56. минута по одлична акција, македонската репрезентација успеа да оствари голем триумф кој ја носи селекцијата кон Европското првенство кое ќе се одржи идната година.
Иако рангирана на 65-то место на светската ранг-листа на ФИФА, С. Македонија успеа да обезбеди учество на Европското првенство кое ќе се одржи во јуни и јули следната година.
Противници на македонската репрезентација во групата Ц ќе бидат Холандија, Украина и Австрија.