Силен земјотрес ја разбуди Македонија – почувствуван и во регионот
Земјотрес рано утринава, во 4 часот и 54 минути, беше почувствуван на цела територија на Македонија. Епицентарот се наоѓа 50 километри југозападно од Скопје во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар во близина на Маврово, на длабочина од 8,5 километри.
Според информациите од сеизмолошката опсерваторија при ПМФ станува збор за земјотрес со јачина од 5 степени според локална Рихтеровата магнитуда.
Според досегашните податоци земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со пет степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со четири степени, а во Битола, Прилеп и околината со три степени според истата скала.