Утре започнува полагањето на државната матура – прво ќе се полага предметот мајчин јазик
Утре започнува матурскиот испит, кој е задолжителен за сите оние кои го завршуваат средното образование и се пријавени за државната матура, а прв ќе се полага екстерниот испит за предметот мајчин јазик, кој е задолжителен за сите 15.294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), од вкупниот број пријавени, 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Сите тие ќе го полагаат предметот мајчин јазик. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.848 кандидати, албански јазик и литература 4.078, а 272 – турски јазик и литература.
Вториот екстерен испит, кој е изборен, ќе се полага на 11 јуни. Математика избрале да полагаат 1.529 матуранти. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски-13.452. Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, а руски јазик 18.
Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образование има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование се пријавени 66 кандидати).
Минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, а за оваа година е утврден здравствен протокол за деновите на полагањето. Во училница е дозволено да бидат најмногу 15 ученици, а самите училишта ќе предложат по колкумина можат да сместат на испитите па во некои бројот ќе биде помал од овој максимум.
Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија, односно на 11 август за првиот екстерен и на 13 август за вториот екстерен испит.