Втор потврден случај на индиската мутација на коронавирусот во Македонија
Во Македонија и официјално е потврден уште еден случај на индискиот сој на коронавирусот.
Според информациите, се работи за македонски граѓанин дојден од Ирак, а се лекувал во една од приватните болници, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче смирува и потенцира дека е важно да се вакцинираат граѓаните бидејќи вакцините штитат од тешка форма на болеста и од смрт дури и кога се работи за индиската варијанта на вирусот.
Станува збор за колега на првиот пациент од Ирак кај кого беше регистриран индискиот сој, рече Филипче и додаде дека вториот заболен симптимите ги пројавил подоцна од првиот кој бил регистриран на 7 јуни. Двајцата биле на работа во Ирак, а со истиот авионски лет се вратиле во земјата.
– „Пациентот не е во ризик. Нема ризик ниту од ширење на болеста, според направените епидемиолошки анкети и нема потреба од дополнителни анкети“, додаде министерот.
Инаку, според Светската здравствена организација, индискиот сој станува доминантен во светот.