ЗАЕВ: Тамара и тимот станаа херои на земјата
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ја прими Тамара Тодевска, и комплетниот авторски и сценски тим на Северна Македонија што оваа година настапи на изборот на Песна на Евровизијата – Евросонг 2019.
Премиерот Заев во свое име, во име на Владата, како и во име на граѓаните на нашата земја ѝ се заблагодари на Тамара Тодевска и на целата екипа за гордоста што им ја приредија на граѓаните со извонредниот настап и со огромниот успех што го постигнаа со песната „Горда“ (Proud).
Во таа чест, премиерот Заев на Тамара и на тимот им додели плакета како знак за признание за историското прво место, како резултат на гласањето на стручното жири на најгледаната манифестација на популарната музика во светот – Евросонг 2019 во Тел Авив, Израел, за композицијата „Горда“ (Proud), која ја направи нашата земја главна тема на евровизиското музичко шоу што го гледаа 200 милиони гледачи.
Премиерот Заев истакна дека Тамара и тимот на Северна Македонија на Евросонг 2019 станаа херои и силен глас за гордоста со која девојките и жените се борат за остварување на своите права.
Тамара и целиот авторски и сценски тим се заблагодарија за поддршката и ги пренесоа силните впечатоци и возбудувања од нивниот настап на Евросонг 2019, и истакнаа дека огромната поддршка што ја имаа за цело време пред и за време на финалната вечер, беше дополнителна мотивација и охрабрување за беспрекорниот настап и за големиот успех на целиот тим.