Актуелно
МОН ќе ја разгледа иницијативата за продолжување на летниот распуст
Министерството за образование и наука ќе го разгледа предлогот на хотелиерите кои бараат почетокот на учебната година да се одложи за 15 септември.
Заменик-министерот Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека ќе имаат средба со претставници на иницијативата но дека одлуката ќе биде донесена откако ќе се направи анализа и консултација со различни субјекти.
– Се работи за специфична иницијатива која не зависи само од волјата на МОН, па дури и од волјата на Владата, треба да се исконсултираат и искоординираат повеќе општествени фактори. Во следниот период ќе биде направена поширока анализа и коодринација и консултација со поголем број субјекти, врз основа на која потоа би можеле да процениме како би ја носеле одлуката. Неопходно е да бидеме уверени во аргументацијата која беше изнесена – еден од главните аргументи беше промената на временските услови, продолжување на сезоната поради интересот на туристите и на туристичките агенции но, од друга страна, ние како ресорно министерство за која било одлука мора пред се да го имаме интересот на учениците, рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.
Хотелиерите бараат пролонгирање на летниот распут до средината на септември зашто, според нив, во тој период туристичката сезона ќе биде подобра отколку во мај и јуни. Според ХОТАМ, политичките случувања во мај и временските прилики во јуни сериозно се одразиле на туризмот во Охрид и Струга каде што многу аранжмани биле откажани.