Вести
МОСТ до 17 часот регистрирал неправилности на 16 од 3.480 избирачки места
Набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ на денешното гласање забележале непочитување на постапката на гласање и реакција од страна на избирачките одбори на 10 гласачки места, проблемите предизвикани од неовластени лица на едно гласачко место и непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи на пет гласачки места.
Ова беше соопштено на прес-конференција попладневно на која извршникот директор на МОСТ Дарко Алексов посочи дека непочитување на постапката на гласање и реакција од страна на избирачките одбори е забележано на гласачкото место 2762 во општина Кисела Вода, каде на гласач кој имал траги од мастило не му било дозволено да гласа. Гласачот почнал да протестира, биле повикани претставници од ОИК кои на членовите на ИО им пренеле дека треба сами да одлучат дали ќе му дозволат да гласа. Гласачот почнал и да се заканува, по што членовите на ИО гласале и било одлучено да му се дозволи да гласа.
На гласачкото место 1042/1 во општина Куманово, ИО по грешка издал две ливчиња за избор на совет. Ја повикале ОИК и бил направен записник. Гласањето било прекинато околу 10-ина минути.
На гласачкото место 2639 во општина Карпош, на гласач му биле дадени две исти ливчиња по што гласачот реагирал и гласањето било прекинато 20 минути. ИО направил записник, на гласачот му било дадено соодветно ливче, по што гласањето продолжило.
На гласачкото место 2737, општина Аеродром, на гласач му биле издадени две ливчиња од ист кочан. Гласачот ги заокружил, но пред да ги стави во гласачката кутија ИО забележал дека гласачот има 2 исти ливчиња, по што едното му го одзел и го ставил во плик за неважечки ливчиња, и му издал ново гласачко ливче. Направен бил и записник.
На гласачкотоместо 0663 во општина Каварадци, при откинување на гласачкото ливче од кочанот дел од ливчето останал недокинат, па гласачкото ливче било ставено во плик, бил направен записник, а на гласачот му било издадено ново ливче.
На гласачкото место 1376 во општина Прилеп, три неискористени ливчиња биле пронајдени позади параванот од страна на ИО. Гласањето било прекинато 10 минути, била повикана ОИК, направен бил записник, а ливчињата биле ставени во кутиите.
На гласачкото место 1456 во општина Прилеп, позади параван било пронајдено неискористено гласачко ливче, по што истото било ставено во гласачката кутија.
На гласачкото место 0668 во општина Кавадарци, 10 гласачи не биле проверени со УВ ламба. На гласачкото место 0741во општина Кичево, седум случаи на семејно гласање, при што биле злоупотребени 17 гласови, а Избирачкиот одбор не реагирал и на гласачкото место 0998 во општина Куманово, ламбата не работи пола час, а ИО не реагира.
Алексов потенцира дека проблеми предизвикани од неовластени лица имало пред ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино каде има неовластени лица со списоци.
Непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи МОСТ забележале на гласачкото место 2469 во општина Чучер-Сандево, околу 13 часот кога гласач сакал да гласа во име на негово блиско лице. Откако ИО не му дозволил, лицето се обидело да го одземе гласачкото ливче, по што гласањето било прекинато и била повикана полиција. Откако полицијата направила увид и бил направен записник од страна на полицијата и ИО, гласањето продолжило. Прекинот траел 40 минути.
На гласачкото место 1273 во општина Охрид, гласач го фотографирал гласачкото ливче и го ставил во гласачката кутија. Била повикана полицијата која го привела гласачот.
На гласачкото место 2699 во општина Аеродром, било пронајдено неискористено ливче позади параванот. ИО го прогласил ливчето за неважечко.
На гласачкото место 2576/1 во општина Ѓорче Петров, гласач ги фотографирал гласачките ливчиња, ИО повикал полиција и гласачот бил приведен. Гласањето било прекинато 10 минути, а ливчињата биле поништени и на гласачкото место 2653, општина Карпош, гласач оставил две ливчиња позади параванот, ИО забележал дека се таму, го повикал гласачот назад, но тој не сакал да гласа, по што ливчињата биле поништени.