Вести
МОСТ: Отворени гласачките места, на неколку забележано доцнење и помали неправилности
Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 2.500 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.100 набљудувачи кои покриваат околу 50% од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина, а по отворањето на гласачките места забележале неколку мали нерегуларности, меѓу кои биле откинување на ливчиња заедно со серискиот број од кочанот и фотографирање на гласачко ливче.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има и мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.
Дополнително, 81 набљудувач ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и изборната комисија на град Скопје, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи.
Гласачките места 1565, 1566, 1566/1, 1567 кои се наоѓат во ОУ „Кирил и Методиј“ во село Злетово, општина Пробиштип се отворени со 15-минутно задоцнување поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место.
ГМ 0887 во општина Чешиново-Облешево е отворено со 20-минутно задоцнување исто така поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место.
ГМ 0249 во општина Македонски Брод е отворено со 30-минутно задоцнување поради тоа што избирачкиот одбор доцнел со уредувањето на гласачкото место.
Досега, забележано е:
На ГМ 1860 во општина Струга, на почетокот од гласањето избирачкиот одбор откинал 3 гласачки ливчиња од кочанот заедно со серискиот број, по што гласачите ги ставиле во гласачките кутии.
На ГМ 0689 во општина Кавадарци, гласачко ливче е откинато заедно со серискиот број од кочанот. Ливчето било ставено во плик кој бил затворен, а на гласачот му било издадено ново гласачко ливче. Направен е записник за случајот.
На ГМ 1076 во општина Куманово гласањето било прекинато половина час поради тоа што не работела УВ ламбата.
На ГМ 1117 во општина Липково УВ ламбата не се користи во сите случаи. Избирачкиот одбор не реагира.
На ГМ 1859/1 во општина Струга гласач ги фотографирал гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија, по што избегал од гласачкото место.
Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на уште три конференции за јавност и тоа во 13:30 часот, во 17:30 часот и во 20:30 часот.