Вести
МОСТ: Регистрирани агитирања, евидентирање на гласачи, сликање на гласачко ливче
Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:
ГМ 1778, општина Ново Село, едно лице агитирало пред гласачкото место. Дошла полиција за да го приведе, но лицето побегнало.
Пред ОУ Димитар Влахов во општина Штип присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
ГМ 1849, општина Струга, еден гласач гласал и повторно се вратил во гласачкото место за да гласа по втор пат. Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа, била повикана полиција и гласачот бил отстранет од гласачкото место.
ГМ 2557, општина Ѓорче Петров, гласач гласал со вклучена камера на мобилниот телефон. По проверката од страна на избирачкиот одбор во телефонот не била пронајдена фотографија, па случајот бил третиран како обид за фотографирање.
ГМ 0281, општина Валандово, гласач го фотографирал ливчето. Избирачкиот одбор повикал полиција по што гласачот бил отстранет од гласачкото место, а фотографијата била избришана.
ГМ 1219, општина Неготино, гласач јавно кажал за кого гласал.
ГМ 0624, општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор кој што гласа на истото место јавно пред сите изјавил за кого ќе гласа и гласал на масата пред останатите членови од избирачкиот одбор.
ГМ 2011, општина Теарце, едно ливче било откинато од кочанот заедно со серискиот број. За случајот е известена ОИК Теарце.
На ГМ 1580/1 за кое известивме на претходната прес-конференција, избирачкиот одбор продолжува со толерирање на фотографирањето на ливчињата.
Што се однесува до случајот на фотографирање на гласачко ливче во ГМ 2556, исто така од претходната прес-конференција, ливчето било изолирано и ќе биде сметано за неважечко.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:
ИЕ 1 – до 9 часот 6,15%, до 10 часот 11,32%
ИЕ 2 – до 9 часот 5,46%, до 10 часот 9,75%
ИЕ 3 – до 9 часот 6,78%, до 10 часот 11,79%
ИЕ 4 – до 9 часот 6,34%, до 10 часот 11,84%
ИЕ 5 – до 9 часот 5,30%, до 10 часот 9,61%
ИЕ 6 – до 9 часот 3,22%, до 10 часот 5,74%