Актуелно
МОСТ со 3.300 набљудувачи на предвремените парламентарни избори
Во функција на спроведување фер и демократски избори граѓанската асоцијација МОСТ објави дека започнува со набљудување на предвремените парламентарни избори 2016 и за таа цел на денот на изборите ќе бидат ангажирани околу 3.300 набљудувачи на целата територија на Македонија.
Претседателот на МОСТ Дарко Алексов, на денешната прес-конференција, рече дека за сеопфатна оценка на текот на изборите набљудувачите на МОСТ ќе ги следат текот на изборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, како и процесот на одлучување по приговорите.
– За таа цел 80 набљудувачи се веќе распоредени во сите општини во државата и ги следат активностите на политичките партии и државните институции, како и работата на изборните органи, рече Алексов.
Од денеска, продолжи Алексов, започнува јавниот увид во Избирачкиот список, кој ќе трае до 11 ноември и МОСТ ги повикува граѓаните да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија, како и на интернет страницата http://izbirackispisok.gov.mk.
Граѓаните ќе можат да пријават било какви нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080 080 080.
МОСТ, во рамки на кампањата за промовирање на заштита на избирачкото право, слободата и тајноста на гласот, промовираше и видео „Твојот глас е само твое право“.
Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ досега е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.