Актуелно
МВР: Работиме на целосно расчистување на вчерашната бркотница и пукање во Скопје
Министерството за внатрешни работи преку соопштение информира дека интензивно, професионално и непристрасно работи на расчистување на синоќешниот настан во Скопје во кој е повредено едно лице.
Во соопштението се осудуваат, како што се наведува, обидите за ширење дезинформации и невкусни инсинуации со цел добивање на политички поени, а на сметка на девалвирање на професионалноста на вработените во МВР.
МВР појаснува дека минатата ноќ, непосредно по полноќ, во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ е донесен Д.Т. со повреди од огнено оружје по што екипи на СВР Скопје излегле на лице место и извршени се разговори со повеќе лица и преземени се неопходните оперативно-технички мерки. Притоа е утврдено дека околу 23:30 часот на се уште неутврдено место од страна на непознат сторител со употреба на огнено оружје биле испукани неколку истрели кон повредениот, кој најверојатно се наоѓал во неговото возило, при што сторителот побегнал.
Повредениот, како што стои во соопштението, најверојатно се упатил кон Градската општа болница движејќи се по булеварот „Партизански одреди“ при што удрил во бетонска жардињера и возилото се превртело. Од страна на случаен минувач, кој со возило се движел по булеварот, била повикана итна медицинска помош и повредениот е пренесен во Ургентниот центар, каде поради сериозноста на повредите е извршен оперативен зафат и констатирани се тешки телесни повреди. Повредениот се уште се наоѓа во животнозагрозувачка состојба.
Од страна на СВР Скопје известено е јавното обвинителство, кое увидот на лице место го препуштило на увидната екипа на СВР Скопје. По извршениот увид, визлото е пренесено во кругот на МВР за понатамошно вештачење.