Вести
МВР: Во Струмица во автомобил пронајдена копија од избирачки список
При сообраќајна контрола во Струмица, во автомобил „фиат“ во багажниот простор била пронајдена копија од избирачки список, како и тетратка со име и презиме и матични броеви на лица од ромска националност и броеви на избирачки места каде истите треба да го остварат своето право на глас.
МВР соопшти дека возачот Б.Г. (52) од Струмица, како и сопатниците Е.Ф. (44), А.А. (32), А.А. (55) и К.А. (37), сите од Струмица се сомничат како сторители на кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, „повреда на слободата на определување на избирачите“ и „поткуп при избори и гласање“, за што било известено Основното јавно обвинителство во Струмица.
Од судија на претходна постапка била добиена наредба за личен претрес на наведените лица, за претрес на возилото и за одземање на мобилните телефони. Постапено е по истите наредби и согласно обезбедените докази ќе биде поднесен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство, соопшти МВР.