Актуелно
На 69-годишна возраст почина доајенот на прилепското и македонското глумиште, актерот Благоја Спиркоски-Џумерко
На 69-годишна возраст претпладнево во Прилеп почина доајенот на прилепското и македонското глумиште, актерот Благоја Спиркоски-Џумерко.
Тој беше роден во Прилеп во 1946 година и преку 45 години е на театарската сцена, прво на матичниот, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Има остварено бројни актерски улоги, но најпознат е по улогата на Итар Пејо од „Солунски патрдии“.
– Иако неговиот актерски опус опфаќа широк спектар на ролји од најразличен жанр во дела од светската класика и современа драматургија, сепак најзабележителни се неговите остварувања во делата од домашната драмска продукција. Некои од неговите најзначајни ролји се токму во дела на автори, како што се: Ристо Крле, Јордан Плевнеш, Миле Попоски, Благоја Ристески-Платнар, Блаже Миневски, Блаже Алексоски и др. Показателни за неговата актерска сензибилност и афинитет се и неговите креации во камерните театарски форми (Ибро Јаране), а неодминлив е и неговиот потфат за опробување на теренот на лизгавиот жанр на монодрамата, стои во образложението на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој во 2011 година му ја додели наградата за животно дело.
Прилепскиот народен театар информира дека Благоја Спиркоски-Џумерко останува во историјата на македонскиот театарски израз како актер кој секогаш го привлекуваше вниманието на публиката.
– Џумерко останува во нашата меморија со неговиот длабок актерски сензибилитет, но и како човек кој духовноста и духовитоста ја пренесуваше и надвор од сцената. Прилепскиот и македонскиот театар загуби еден од своите доајени, рече Стојан Дамчески, раководител на Прилепскиот театар.
Во театарот ќе се одржи комеморација по повод смртта на Благоја Спиркоски Џумерко. За терминот ќе има дополнително исвестување.