Вести
Најголемиот Божикен настан во регионот се одржува денеска во Македонија
Денеска од 11 часот, Македонија ќе биде домаќин на најголемиот Божикен настан во регионот, на кој се очекува учество на околу 10 илјади деца од целата земја, од кои, 5000 во Скопје и 5000 низ останатите 35 градови и населени места во Македонија, коишто се вклучени во манифестацијата.
Во Скопје, на плоштадот пред Црквата Св.Димитриј, ќе се одржува ГОЛЕМА БОЖИКНА МАНИФЕСТАЦИЈА со Божикен концерт и Божикна претстава на кои што ќе им претходи топол дочек на коледарчињата преку Камениот мост со бесплатни Бадникови чајчиња и колачиња за секое дете.
За Божикниот концерт ќе бидат задолжени: Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Тамара Тодевска, Некст Тајм, Димитар Андоновски, Љубојна и Златно Славејче, а за Божикната претстава „Најдобриот подарок за Божик” – Снежана Коневски – Руси, Дејан Лилиќ и креативниот центар Тинтири Минтири.
Манифестацијата пред Св.Димитриј завршува во 12 часот, по што присутните деца ќе бидат поканети да ја оформат најголемата Бадникова поворка во Македонија, и со песна да се упатат кон Соборниот храм каде што пред специјално поставена голема Божикна пештера, ќе бидат дарувани и со Божикни пакетчиња.
Во исто време, Бадникови поворки на радоста, во кои децата на свечен начин ќе го најавуваат Христовото Раѓање, ќе се одржуваат во уште 35 градови и населени места низ земјата, и тоа: Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Тетово, Крушево, Ресен, Кичево, Радовиш, Велес, Штип, Струмица, Гевгелија, Валандово, Кавадарци, Куманово, Гостивар, Пробиштип, Свети Николе, Могила, Кривогаштани, Демир Капија, Неготино, Богданци, Вратница, Виница, Кочани, Делчево, Дебар, Ростуше, Велгошти, Брвеница, Беловиште, Старо село и Рогачево.
На денешниот свечен настан кој под мотото „ПРАЗНУВАМЕ, СЕ РАДУВАМЕ!“ има за цел, радоста и топлината на Бадник и Божик да ја почувствува секое детско срцe, му претходеше промоција на Божикната песна „Небо и земја“ отпеана од Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Димитар Андоновски, Некст Тајм, Љубојна и Златно Славејче.
“НЕБО И ЗЕМЈА” е нашиот овогодишен Божикен подарок, и најтопла ПОКАНА, сите до еден, да дојдете на ГОЛЕМАТА БОЖИКНА МАНИФЕСТАЦИЈА, на 06.01.2019 од 11 часот на платото пред Св.Димитриј за заедно да ПРАЗНУВАМЕ и да СЕ РАДУВАМЕ! – велат од Здружението „Бадникови поворки”, организатор на манифестацијата.