Вести
На македонските аеродроми лани минале 1,8 милиони патници
Вкупно 1.794.376 патници во 2016 година патувале преку двата македонски аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид што е 15 проценти повеќе во однос на 2015-та кога се евидентирани 1.560.381 патник, соопшти „ТАВ Македонија“.
Компанијата наведува и дека е зголемен бројот на операции за 8,9 отсто, достигнувајќи вкупно 16.883 летови.
– Задоволни сме што успеавме да постигнеме двоцифрено зголемување на бројот на патници на годишно ниво, повисоко од просекот на ЕУ и од просекот во регионот. И во 2017 година ќе продолжиме во таа насока, фокусирајќи ги нашите главни цели на проширување на мрежата на линии од аеродромите во Скопје и во Охрид, соработувајќи со Владата, со сите засегнати институции надлежни за воздухопловство и со авиокомпаниите, изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“ Алпер Ерсој.
Според податоците за патничкиот сообраќај, Истанбул (со двата аеродрома „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“) е најфреквентната дестинација од Аеродромот „Александар Велики“ во 2016, со 12,6 отсто пазарен удел, потоа следат Цирих со 10,2, Виена со 6,3, Базел со 5, Малме со 4,8 и Лондон со 4,3 проценти.
Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците, 54,8 отсто, а потоа следат Turkish Airlines, Austrian Airlines, Germania Flug, Pegasus Airlines и Edelweiss.
Најфреквентниот ден на скопскиот аеродром во 2016 година бил 12 август кога патувале 5.641 патник, додека вкупниот број движења на воздухоплови бил 50, а потоа и 21 јули кога вкупно 5.604 патници беа превезени за еден ден со вкупно 51 движење на воздухоплови.
Карго-сообраќајот на аеродромот во Скопје има значителен пораст од 10,9 отсто во 2016 година со вкупно 3.090 тони превезени авионски пратки. Според „ТАВ Македонија“, ова зголемување главно се должи на зголемениот извоз на стоки, но и на популаризацијата на индивидуалните нарачки преку интернет превезени преку воздушен пат.
– Изминатата 2016 година беше многу успешна година за зголемување на сообраќајот на аеродромот во Охрид, каде што бројот на патници порасна извонредни 39,2 отсто на годишно ниво, поради што Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI) во неколку последователни квартали го прогласи „Св. Апостол Павле“ за аеродром со најбрз раст во својата категорија, информира компанијата.
Покрај значајниот пораст на сообраќајот на годишно ниво, минатата година ќе биде забележана како успешна за „ТАВ Македонија“ и поради добиената ASQ награда (Airport Service Quality) за квалитет на аеродромски услуги доделена на аеродромот во Скопје, третпат во изминатите пет години, од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI). Аеродромот во Скопје беше прогласен за најдобар во Европа во однос на квалитетот на аеродромските услуги, во категоријата на аеродроми под два милиона патници.