Актуелно
Најмалку 42 лица загинаа, а 1.117 се повредени во новиот земјотрес во Непал
Билансот на жртвите од денешниот земјотрес во Непал се искачи на 42 лица, а 1.117 се повредени, соопшти непалското Министерство за внатрешни работи.
Епицентарот на потресот со интензитет од 7,3 степени, се наоѓал на 68 километри западно од градот Намче Базар, во близина на Монт Еверест, на длабочина од 19 километри под површината на земјата, соопшти американскиот Геолошки завод. Набрзо бил регистриран уште еден земјотрес со интензитет од 5,6 степени.
Според портпаролот на Меѓународната организација за миграција, четири лица загинале во градот Чаутара, северно од главниот град Катманду, кога по земјотресот се урнале неколку згради.
Властите и спасувачките екипи очекуваат бројот на жртвите и настраданите да се зголемува.
Полицијата ги советува луѓето да се стационираат на отворено.
Денешниот земјотрес уништил повеќе станбени објекти, кои го „преживеале“ претходниот катастрофален потрес на 25 април, во кој загинаа над 8.000 луѓе, а околу 18.000 беа повредени.
Потресот бил почувствуван и во Индија, каде според индиското Министерство за внатрешни работи има 17 загинати, од кои 16 се во државата Бихар, а била прекината и работата на метроата во главниот град Њу Делхи и во градот Калкута.