Актуелно
Најстудено во Маврово, од викендов затоплување
Во Маврово утрово во 7 часот е измерена најниска температура во Македонија, минус четири степени, и највисока снежна покривка од шест сантиметри, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минимални температури утрово се измерени и во Лазарополе и Крушево (-3), во Пожар -2 и -1 во Пожаране, а нула степени на мерните станици во Ѓуриште, Претор, Тополчани, Охрид и Крива Паланка.
Во Берово и Битола температурата во 7 чсот била еден степен, 2 степена се измерени во Прилеп, Тетово и Дебар, три во Куманово, Виница, Скопје (на мерна станица Петровец), четири во Струмица и Штип, пет степени во Скопје (на мерна станица Зајчев Рид) и во Демир Капија, шест степени во Дојран и осум во Гевгелија.
Покрај Маврово, снежна покривка утрово има и во Лазарополе од пет сантиметри, Крушево два и Претор еден сантиметар.
Во изминатите 24 часа, во Претор, Маврово и Охрид наврнало најмногу дожд (11 литри на метар квадратен воден талог), 10 литри во Лазарополе, шест во Крушево, пет во Тополчани и Битола, четири во Пожаране и Берово, три литри во Прилеп, два во Струмица и Тетово и по еден литар на метар квадратен воден талог се измерени во Демир Капија и Крива Паланка.
УХМР информира дека во северните делови е сончево со умерена облачност, а во јужните подрачја се уште е облачно. Во југозападните делови има локален снег со слаб интензитет. Дува слаб до умерен северен ветер.
Во текот на денов времето ќе биде променливо облачно и посвежо, во југозападните делови со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Ќе дува и умерен до засилен северен ветер. Највисоката температура на воздухот ќе се движи од 5 до 12 степени.
Во Скопје, исто така, ќе биде променливо облачно и посвежо со умерен повремено засилен северен ветер. Највисоката температура ќе достигне до 10 степни.
За време на викендот и во почетокот на работната седмица ќе преовладува стабилно време со постепен пораст на дневните температури. Утринските температури на повеќе места ќе бидат под нулата.