Вести
Најстудено во Скопје, најтопло во Дојран
Најстудено утринава е во скопско Петровец каде се измерени -18 степени, а максимална температура од нула степени се измерени во Дојран.
Според УХМР, -16 степени се измерени во Битола, -14 во Тетово, -12 во Демир Капија и Куманово, -11 во Скопје-Зајчев Рид и Берово, -10 во Струмица и Маврово, -9 во Прилеп и Штип, -8 во Крива Паланка, -7 во Крушево, -6 во Пожаране и Лазарополе, -5 во Ѓуриште, Гевгелија, Тополчани и Претор, -4 во Виница и -2 во Охрид.
До осум часот утрово највисока е снежната покривка во Маврово – 64 сантиметри, а најниска во Штип два.
Времето утринава е умерено до значително облачно и тивко, само во Крива Паланка дува умерен ветер од североисточен правец. Во текот на денот се очекува сончево време со умерена облачност. Попладне почнувајќи од јужните делови ќе има зголемување на облачноста, каде ќе има услови за провејување на слаб снег. Максималната температура ќе се движи од -4 до 5 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне облачноста ќе се зголеми. Максималната температура ќе достигне до 0 степени.
Утре претпладне ќе има услови за провејување на слаб снег во јужните делови. Потоа до среда ќе преовладува претежно стабилно и суво време, а во четврток се очекуваат локални врнежи од дожд и снег. Утринските температури и натаму ќе бидат насекаде под нула, но поради зголемената облачност ќе бидат повисоки во споредба со температурите од претходните два дена.