Вести
НАПАД ВО ЛОНДОН: 7 мртви и 48 повредени во терористички напад на Лондонскиот мост (ФОТО)
7 лица се мртви, а 48 повредени во терористички напад кој доцна синоќа се случи во Лондон.
Напаѓачите возејќи бело комбе со голема брзина се втурнале во поголема група на луѓе на Лондонскиот мост, а потоа го напуштиле комбето и ладнокрвно колеле случајни минувачи во близина на пазарот Бороу.
Очевидци велат дека од силниот удар една од жртвите на Лондонскиот мост била дигната во воздух 20 метри.
Од Лондонската полиција рано изутринава за медиумите потврдија дека тројцата напаѓачи се пронајдени и ликвидирани. Тие на себе носеле елеци со лажни бомби.
Еден од повредените во нападот е и полицаец кој бил заколен додека итно бил распореден на нападната локација.
Властите во Лондон реагирале на првиот повик за помош за само шест минути, при што била употребена голема логистичка подготовка и била прогласена вонредна состојба во градот, а напаѓачите биле совладани осум минути по пристигнувањето на единицата за антитероризам.
Инцидентите на Лондонскиот мост и пазарот Бороу прогласени се за терористички напади, додека третиот инцидент што се случи во Вокскол, Лондон, каде имаше прободување со нож не е поврзан со претходните два.
Лондонскиот мост и пазарот Бороу се познати по ноќниот живот.
Се уште никој не презел одговорност за нападите, но Исламска држава ги поздрави синоќешните инциденти во Лондон.
Инаку, ова е трет терористички напад во Велика Британија за само три месеци, претходејќи го нападот со автомобил и колење во Вестминстер во март и неодамнешното бомбардирање на концертот на познатата пејачка Аријана Гранде во Манчестер во кое загинаа 22 лица.