Вести
Нестабилно со пороен дожд вечерва во Скопско и Кумановско
Поизразена нестабилност со пороен дожд и грмежи вечерва има во Скопската котлина, како и во Кумановско. Оваа нестабилна облачна маса е со правец на движење кон североисток, но се очекува да се задржи над ова подрачје во наредните час до два.
Како што соопшти УХМР, во ноќните часови и понатаму ќе биде нестабилно облачно со локален пороен дожд и грмежи, особено во источната половина од земјата. Во втората половина од ноќта атмосферата ќе се стабилизира.
Попладнево во Македонија времето беше значително облачно со локални врнежи од дожд, кои на места беа поројни и проследени со грмежи. Нестабилно беше во Штипско, Градско, Прилепско, Кочанско, како и во Полог.
Утре само во крајните западни и источни делови ќе има локален дожд и ретка појава на грмежи. Во среда и четврток во поголем дел од земјава ќе се задржи суво време. Нови врнежи од дожд се очекуваат во петок, а особено за време на викендот кога ќе биде и нестабилно со пороен дожд и грмежи.