Вести
Нов силен земјотрес со јачина од 7,4 степени го потресе Непал во близина на Монт Еверест
Нов силен земјотрес денеска го потресе Непал и жителите на престолнината Катманду ги натера на панично бегство на улиците.
Американскиот Геофизички институт првично соопшти дека денешниот земјотрес бил со магнитуда од 7,1 степени според Рихетровата скала, но подоцна ја коригира оценката, зголемувајќи ја јачината на ударот на 7,4 степени.
Жариштето на потресот било на длабочина од 19 километри, а епицентарот на 68 километри западно од градот Намче Базар, во близина на највисокиот врв на планетата-Монт Еверест, пренесоа британските медиуми.
Сеизмичките тресења на тлото биле почувствувани дури до индиската престолнина Њу Делхи.
Се уште нема податоци за жртви и разурнувања од новиот силен потрес. Тој е најсилниот по катастрофалниот земјотрес од 25 април, во кој загинаа над 8.000 лица и беа разурнати стотици илјади домови.
Непал се уште не може да се соземе од преживениот шок и огромните разурнувања.