Актуелно
Нова училишна облека и годинава за учениците во Општина Аеродром
Над 6.000 ученици од основните училишта во Oпштина Аеродром и годинава ќе добијат нови училишни униформи.
Дистрибуцијата на облеката е во тек, а нивната набавка ја обезбедува Општината за што од нејзиниот буџет ќе бидат одвоени осум милиони денари.
– Целта на оваа наша активност е децата да бидат еднакви во облекувањето и подобро да се фокусираат на воспитно образовниот процес, изјави денеска градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски кој заедно со заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваа на доделувањето на униформите во ОУ „Ѓоргија Пулевски“.
Коневски најави дека во план е оваа активност, што почна минатат година, да продолжи и во иднина.
Според заменик-министерот Ристовски, оваа активност на Општина Аеродром е значајна од аспект на социјалната компонента бидејќи се постигнува унифицираност во пристапност на сите ученици.
– Општина Аеродром го почна овој проект и би апелирал и другите општини да го следат овој пример бидејќи унифицираноста на облеката во училиштата е пракса која се случува во секоја развиена земја, рече Ристовски.
Прашан дали очекува мирен почеток на новата учебна година, Ристовски рече дека не очекува да се случуваат турбуленции доколку политиките партии ги тргнат рацете од образованието.
– Оваа учебна година треба да биде година кога пред и над се ќе бидат тргнати рацете на политиката од образованието. Образованието мора да биде надвор од дневно-политичките интереси на партиите и искрено очекувам дека следнава година ќе имаме поголем број дискусии, но не очекувам да ни се случуваат турбуленции доколку политичките партии ги тргнат рацете од образованието и тоа не се злоупотребува за дневно-политички поени, нагласи Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.