Актуелно
Одбележан Светскиот ден на младите во Младинскиот културен центар
Со интерактивни работилници и панел дискусија денеска во Младинскиот културен центар беше одбележан Светскиот ден на младите во рамки на Youth Voice кампањата Y-PEER во соработка со Националниот младински совет на Македонија и Balkan Action 2015.
Според постојаниот координатор на ОН во Македонија Луиза Винтон оваа година граѓанското ангажирање на младите е важно од две причини.
– Младите заслужуваат многу повеќе посебно во овој регион каде што стапката на невработеност е 50 проценти во однос на останатиот дел од невработените и поради тоа што Македонија има потреба од креативноста на младите да може да ги реши проблемите со кои што се соочува. Во ОН ова го нарекуваме година што се случува еднаш во една генерација, а тоа е поврзано и со целите за оддржлив развој којшто ќе се усвои на Генералното собрание следниот месец, истакна Винтон
Таа ги повика младите да земат учество, да го кренат гласот да го кажат своето мислење и да учествуваат во решавањето на проблемите, не само во Македонија туку и насекаде во светот.
Вјолса Исмаили од Y-PEER Македонија истакна дека одбележувањето на светскиот ден на младите е дел од втората фаза на кампањата идеите ги споделувам гласно.
– Тоа е регионална кампања која во Македонија се имплементира од младинската мрежа Y-PEER и е поддржана од фондот за население на ОН. Во овогодинешното одбележување на Светскиот ден на младите се приклучи и Програмата за развој на ОН, информира Исмаили.
Зорица Стаменковска од Агенцијата за млади и спорт истакна дека Агенцијата секоја година се вклучува во одбележувањето на Денот на младите и потсети дека оваа година Агенцијата ја започна Националната стратегија за млади за периодиот 2016 – 2025 година. Според Стаменковска, најголемиот проблем со кој се соочуваат мледите е нивното вработување.
За Дамјан Николовски од Националниот младински совет на Македонија, вклучувањето на младите не значи само повикување на младите на настани и нивно присуство, туку создавање на вистински услови за младите да можат придонесат кон нештата и активно да се вклучат да го кажат она што им е потребно.