Вести
Охрид и вечерва се тресе, три земјотреси со јачина од 4 степени
Земјотресот со магнитуда од 5 степени според Рихтеровата скала што попладнево во 13:18 часот го потресе охридскиот регион, ги вознемири охриѓани и туристите во градот, кои излегоа пред своите домови и објектите каде што престојуваат.
На некои објекти забележани се помали оштетувања и напукнувања, а жителите на Охрид и околните места се жалат на мирис на сулфур.
Според Надица Вчкова од Дирекцијата за заштита и спасување до 15 часот на бесплатниот телефонски број 195 на Регионалниот центар за управување со кризи имало само пет-шест пријави и тоа за напукнати тавани, паднати или оштетни оџаци, автомобили и паднати дрвја.
Епицентарот на земјотресот бил 10 километри источно од Охрид, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван во епицентралното подрачје со интензитет од VII-VIII степени според Европската макросеизмичка скала. Со помали интензитети, земјотресот е почувствуван на цела територија на Република Македонија и околните земји.
И вечерва се регистрирани неколку силни земјотреси со временска разлика од неколку минути, со јачина од 3.5, односно 4 степени и интензитет од 5 степени.
Во продолжение можете да го видите сеизмограмот од охридската обсерваторија на кој се регистрирани денешните земјотреси.