Вести
Охридското Езеро утринава мирно, оштетени само некои објекти на крајбрежјето
Силниот ветар од јужен правец што вчера попладнето и ноќта го зафати Охридскиот регион повторно го разбранува Охридското Езеро предизвикувајќи високи бранови што наместа ги префрлаа бетонските бариери на езерскиот Кеј.
Поголеми проблеми не се предизвикани, освен на местата каде нема физичка можност водата сама да се врати во езерото, а Колекторскиот систем за негова заштита нема доволно капацитет наеднаш да прими толкави количини. Со намалувањето на брзината на ветерот ситуацијата се нормализира и водата повторно се врати во езерото.
Од брановите повторно настрадаа некои угостителски објекти поставени на самата крајбрежна линија на потегот од градското пристаниште кон Канео. Тоа се истите критични точки каде со човечка интервенција е навлезено внатре во просторот што е под вода во вакви неповолни хидролошки прилики и услови на висок водостој на езерото. Оштетени се одредени стари дрвја, некои ламаринени покриви, а ветерот откорна и дел од трската кај локалитетот Мазија.
Добро во целата ситуација е што, иако најавувани во текот на ноќта, немаше позначајни врнежи од дожд, што дополнително ќе ја отежнеа и онака сериозната ситуација на висок водостој на езерото. Нивото на водата во езерото е над критичната кота од 694 метри надморска височина и веќе се прелева над одредени места на Кејот на езерото во Охрид.
Екипите на ЈП „Охридски комуналец“, како и минатиот пат кога овој регион го зафати силен ветер, и сега од раните утрински часови работат на отстранување на ѓубрето што езерото го исфрли на брегот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи поради врнежите од дожд најавија зголемени водотеци во западниот дел од државата, особено во сливните подрачја на реките Треска, Радика, Црн Дрим, Сатеска, Црна река, Коселска и горниот дел од сливот на реката Вардар.
Поради зголемното испуштање на водата од Охридското Езеро преку реката Црн Дрим, како и поради усмерениот тек на дел од реката Сатеска, се очекуваше доста голем водостој на Црн Дрим низводно од истекот од Охридското Езеро, како и можни локални излевања на реката во Струшкото Поле и низводно кон акумулацијата Глобочица.
– Поради исполнетоста на акумулацијата Глобочица (од дотекот на р.Црн Дрим во неа) и испуштањето на голема количина на вода од преливот се очекува значително висок водостој на р.Црн Дрим низводно од Глобочица а можни се и локални излевања на тој потег (кај Луково, како и на делови од патниот правец Струга-Дебар), информираа од УХМР.