Актуелно
Отворен нов прифатен пункт за бегалци во Гевгелија
Во Гевгелија од денеска официјално профункционира новиот прифатен пункт за бегалци од каде што вчера во попладневните часови пробно кон северната граница заминаа два воза со мигранти. Во рамки на кампот почна и електронската евиденција на мигрантите кои пристигнуваат од Грција.
– Бегалците повеќе не мора да доаѓаат во Гевгелија.Тоа беше и наша цел, да им овозможиме похуман и поорганизиран третман, а истовремено просторот околу транспортниот центар да се врати во нормала за да можат граѓаните слободно да се движат и непречено да ги користат услугите. Со ова го остваривме најзначајното барање на општина Гевгелија за справување со бегалската криза, изјави градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.
Од страна на УНХЦР, Црвениот крст и некои невладини организации, на просторот на прифатниот камп веќе се подигнати шатори. Кампот наскоро ќе раполага со тоалети и тушеви со што на бегалците кои пристигнуваат од меѓуграничниот простор ќе им биде овозможено да се одморат и освежат до регистрацијата и качување во возот со кој ќе заминат за Табановце.
Просторот денеска се оградува, а истовремено се работи на санација на мостот на Сува Река и на проширување на пристапниот пат до кампот.