Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Отворена манифестацијата „Крушево – етноград“

Актуелно

Отворена манифестацијата „Крушево – етноград“

Со поворка на комитите, Турците, чорбаџиите низ центарот на градот, синоќа свечено и пригодно во Крушево почна манифестацијата „Крушево – етноград“.

Поворката, од Домот на културата заврши меѓу крушевчани и љубопитните посетители на плоштадот во центарот на градот. Отворајќи ја манифестацијата, градоначалникот Ѓорѓи Дамчески нагласи дека пред седум години, кога почна да се одржува „Крушево – етноград“ се оствари една благородна идеја на вљубеникот во Крушево, Ранко Петровиќ – Бубамара.

– Се оставари еден сон. На една маса седнаа комитите, аскерот, чорбаџиите, сиромашните. Наместо топови – грмнаа тапани и зурли. Чаршијата е „сардисана“ од туристи. Крушевчани, облечени во народни и староградски носии го доловуваат духот на едно минато време. Време материјално посиромашно, но духовно многу побогато и исполнето со живост. Крушевскиот Етноград е манифестација со која Крушево стана препознатлив туристички бренд и неизбежен дел од туристичката понуда на нашата држава, рече на отворањето на манифестацијата Дамчески.

Според иницијаторот на оваа манифестација Ранко Петровиќ, со ова туристичко востание изминатите седум години Крушево успеа да ги прими туристите од секаде, да им го претстави славното илинденско минато, да го почувствуваат родниот град на Тоше и да уживаат во повеќестолетните дрвја и меани. Петровиќ го прочита еколошкиот шумски манифест 2015, кој е белег на годинашнава манифестација.

– Ние, храбрите борци за поубав живот сме тука, во највисокиот град на Балканот, гордо исправени, подготвени пред новата битка против климатските промени, во нова борба за чист воздух и зачувување на шумите. Сега е време да не дозволиме Крушево да остане без својата корија стара преку 300 години. Подготвени сме и во борба за македонското музичко богатство, да не дозволиме песната „Слушам кај шумат шумите“ да ја загуби својата вредност. Затоа, ги поканувам внуците и правнуците на храбрите партизани, на славните Илинденци, на нашата музичка легенда Тоше, на сите знајни и незнајни јунаци да го потпишеме нашиот еколошки шумски манифест со кој ќе испратиме абер од Крушево да се престане со сечењето на шумите и да се заштити шумското богатство и Коријата, рече Петровиќ.

За крушевчани манифестацијата е голема прилика пред посетителите да се претстави големото историско и културно богатство на илинденско Крушево. Крушевчанката Даница Јанакиеска, облечена во староградска облека е горда на Крушево.

– Манифестацјата „Крушево – етноград“ стана бренд на градот. Сите сме традиционално костимирани, во носии „а ла турка“ и „а ла франга“, има облечени во комитски и турски носии. Се е да се долови минатото, значи без минато нема иднина. Без старите генерации, нема млади и иднина. Гостите и странците се воодушевени од нашата облека, ние им објаснуваме, вели насмеано Јанакиеска.

По синоќешното отворање, пред крушевчани и посетителите концерт на плоштадот одржа Сузана Спасовска.

„Крушево – етноград“ ќе трае до 31 јули, кога пред Столбот на Револуцијата во Крушево ќе бидат пречекани коњаниците за Илинден.

Денеска напладне, според програмата, во градскиот парк ќе биде отворена презентацијата на домашни, традиционални и еколошки производи од Крушево насловена „Домашно е, од Крушево е…“

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.