Актуелно
Пет жртви од големото невреме во Тетово
Пет жртви, три возрасни лица и две деца, го загубија животот во силното невреме кое го зафати Тетово и околните села, според извори од Клиничкиот Центар Тетово.
Оттаму и информацијата за 13 повредени лица, од кои едно потешко.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово потврдуваат за загинато малолетно машко дете од Голема Речица чиј идентитет се уште не е утврден, како и 14-годишно девојче од тетовска Шипковица.
Пријавени се голем број на одрони и свлечишта, а според првичните информации има загинати и од струјни удари. Најкритична е ситуацијата во Голема Речица од каде што е и официјално првата потврдената жртва.
Во попладневните часови Тетово беше зафатено од големо невреме. Поројниот дожд и силниот ветер предизвикаа застој во сообраќајот во дел од овој регион. Излеана е реката Пена, забележани се повеќе одрони и свлечишта.
Поради излевање на реката во село Доброште по обилните врнежи во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Тетово-Јажинце и обратно. Како што соопшти АМСМ, во прекин е и сообраќајот на патниот правец Тетово-Попова Шапка поради свлечишта и камења на патот.
Дирекцијата за заштита и спасување со вработените од подрачното одделение во Тетово е излезена на терен и ја следи ситуацијата. – Ангажирани се осум градежни машини кои помагаат во расчистување на теренот од надојдената вода. Доколку е потребно ќе бидат ангажирани и дополнителни машини. Според извештајот во 20:30 часот состојбата се стабилизира, се намалуваат врнежите, почнува да се повлекува реката Пена. По повлекување на водата остануваат наносите од кал и дрва, се наведува во соопштението од Дирекцијата за заштита и спасување.
Од таму апелираат до граѓаните на зафатениот регион да го намалат движењето, особено со моторни возила освен ако тоа не е неопходно, за да се овозможи несметано движење на механизацијата која работи на терен.