Актуелно
Петта недела бојкот против лошите реформи во образованието – МОН не попушта
Насловната фотографија е дело на нашиот фоторепортер Атанас Стојановски (забрането е секакво користење)
Средношколскиот Пленум соопшти дека бојкотот на наставата од денеска влегува во својата петта недела, додека кампувањето пред МОН во втората недела.
Средношколскиот Пленум наведува и дека на последната средба од преговорите со Министерството, одржана во минатиот четврток, не бил постигнат никаков договор. Моменталната состојба на преговорите била полагање на државна матура по стариот концепт само оваа година и продолжување на екстерното тестирање што не е прифатливо за средношколците кои загубија од својата настава веќе еден месец.
Средношколците остануваат децидни на ставот дека ќе продолжат со бојкотот на наставата, но се поинтензивно и во поголем број во кампот пред Министерството за образование и наука. Досегашната борба е, велат за сите генерации, а барањата се јасни.
– „Бојкотот продолжува. Во подготовка е агендата за оваа недела. Не се откажуваме и покрај рокот од 25 дена. Нашите барања се јасни, нашиот став е јасен, нашата желба за поквалитетно средно образование е неизмерна. Она што беше изгласано на Генерален Пленум е дека бојкотот продолжува во Паркот на новинари за сите, односно се префрла од училиштата пред МОН. Ќе се врши и евиденција за отсуства. За денеска се планирани алтернативни предавања. Она што произлезе од Генералниот Пленум е дека стравот го нема, храброста и истрајноста се зголемуваа, а ние сме спремни да одиме до крај за да ни бидат исполнети барањата” -стои во соопштението на Средношколскиот пленум.