Актуелно
Пирана или амазонски паку плива во Дојранското Езеро?
Необична риба која не е редовен жител на езерото, деновиве била уловена во Дојран, според информации и слики кои неодамна беа објавени на социјалните мрежи.
Од Хидробиолошкиот завод од Охрид каде што концесионерот на езерото испратил примерок од рибата, велат дека станува збор за сродник на пирана, кој го нема во Европа и живее во аквариум, а не е месојаден вид, туку се храни со инсекти и растителни видови.
Според оваа институција, не може од слики од интернет да се утврди дали некој рибар е каснат од ваква риба.
Градоначалникот на Дојран Борче Стамов се сомнева дека рибата е намерно пуштена во водите на езерото. Според концесионерот на езерото, фирмата „Фишилан“, досега се уловени две вакви риби. Рибарите и натаму ги фрлаат мрежите на истата локација од каде што биле фатени опасните риби, вели концесионерот, но во последните неколку дена не е повторно уловена злогласната пирана.
Стамов реагира на натписите дека во Дојранското Езеро има пирани кои искасале риболовци.
-Цело лето некој води хајка против Дојранско Езеро од причини кои веројатно само нему му се јасни. Доколку целта беше да пропадне туристичката сезона и локалните власти да се прогласат како некомпетенти, ваквиот налудничав чин нема никакво оправдување. Првиот пат ја заплашуваа јавноста со водата, која била опасна за здравјето, а сега гледаме дека некој нечовек е подготвен и директно да го загрози здравјето на туристите. Очекуваме официјални анализи за видот и потеклото на рибата од надлежните институции. Според неофицијалните информации, она што го знам е дека не станува збор за пирана, станува збор за аквариумска риба која не е опасна и може да се набави и пушти во водите на езерото во мала количина и не може да преживее подолго време во него, вели Стамов.
Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде што бил испратен примерок, според неофицијалните информации пренеси на порталот МКД.МК, велат дека се работи за видот „Амазонски Паку“, аквариумски вид сличен на пираната.
Енциклопедиите велат дека „паку“ е заедничко име за неколку видови „сештојадци“ кои живеат во јужно-американските слатки води кои се во сродство со пираните, но наместо остри заби имаат вилица слична на човечката.