Актуелно
По вчерашниот пеколен ден денеска заладување со дожд и грмежи
По овонеделните тропски температури и вчерашните плус 40 степени, синоптичарите за денеска и деновите од викендот најавуваат освежување со дожд и грмежи.
Времето во Македонија претпладне ќе биде сончево и топло, а попладне под влијание на влажна, нестабилна и посвежа воздушна маса ќе настапи значителна промена. На повеќе места ќе има нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град.
Повеќе врнежи ќе има во вечерните и ноќните часови кон сабота, особено во северните делови, каде локално се очекува да наврнат над 25 литри на метар квадратен.
Утринската температура од 14 до 22, а дневната од 30 до 36 степени. УВ-индексот ќе изнесува 7.
Во Скопје претпладне ќе биде сончево, а попладне и во вечерните часови нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
За време на викендот ќе преовладува променливо облачно, значително посвежо и ветровито време со локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе опадне за повеќе од 10 степени во однос на денешната и ќе биде во интервал од 20 до 29 степени.
Од понеделник се очекува стабилизирање на времето со постепен пораст на температурата. До вторник ќе дува умерен до засилен северен ветер.