Вести
Поднесени над 32.000 амандмани за Законот за употреба на јазиците
Собранието на Република Македонија утре во 11 часот треба да ја почне 32. седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик а кој беше вратен од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов без потпишан указ и со бројни укажувања.
Седницата за овој закон претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа во предидениот рок и го стави на повторно гласање, а за законот се поднесени и рекордни над 32.000 амандмани од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Толкав број амандмани досега не се поднесени за ниту еден закон во Собранието.
Амандамните се поднесуваа постепено вчера и завчера од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а по завршувањето на рокот вчера во 16:30 часот од собраниските служби информираа дека примиле над 32.000, додека од опозициската партија за МИА посочија дека станува збор за над 30.000. Содржината на амандманите, според Деловникот, мора да биде во согласност со укажувањата на претседателот Иванов.
Партиите од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ, како и Беса не поднесоа амандмани за законот.
СДСМ преку соопштение реагираше посочувајќи дека очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да ги напушти политиките на деструкција и на блокади, коишто предизвикуваат политички тензии, поделби и раздор во општеството. – ВМРО-ДПМНЕ досега имаше можност да учествува во процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците, но наместо тоа опозициската партија по сопствен избор одбра да не учествува во реформскиот процес, наведоа од СДСМ.
Поднесените амандмани ќе се разгледуваат само на пленарна седница. Предлагачите на амандамните имаат право на три минути да го образложат секој амандман поединечно, така што според одредени пресметки за тоа ќе бидат потребни 145 дена. Координаторите имаат право и на процедурални забелешки од по три минути. За да биде донесен амандман потребно е за него да гласа 61 пратеник. Пратеникот Влатко Ѓорчев кој ги координира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието во петокот најави дека тие ќе настапуваат „како и досега“ односно со десет пратенички групи.