Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Последниот од серијата земјотреси регистриран околу 21 часот

Актуелно

Последниот од серијата земјотреси регистриран околу 21 часот

Последниот од серијата земјотреси што се случија во скопскиот регион е регистриран синоќа во 20 часот и 57 минути со магнитуда од 2,1 степен по Рихтер, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Најсилниот земјотрес беше почувствуван вчера во 15:10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер, а епицентарот беше на 7 километри источно од Скопје.

По овој земјотрес, до околу 18 часот регистрирани беа околу 10 послаби земјотреси, од коишто со мали интензитети се осетени четири. Серијата земјотреси почнаа уште од утринава кога беа регистрирани два потреси од страна на Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија со јачина од 3,9, односно од 2,8 степени по Рихтер.

Во серијата земјотреси што во текот на вчерашниот ден го погодија скопскиот регион причинети се материјални штети, а лекарска помош побарале стотина граѓани.

Четириесетина лица побарале помош во градската болница „Наум Охридски“, а уште толку во градската болница „8 Септември“.

Најчесто се повредиле при бегање од своите домови, а неколкумина се со скршеници. Во болницата „Наум Охридски“ се задржани на лекување тројца пациенти, меѓу кои и една жена која паднала од тераса од први кат, при што се здобила со скршеници на нозете. Во болницата „8 Септември“ нема хоспитализирани пациенти со повреди од денешните земјотреси.

ЗЕМЈОТРЕС

Дел од жителите во Скопје, особено станарите од повисоките згради, вознемирени од потресите излегоа на улица и во блиските паркови. Земјотресот предизвика и пречки со комуникацијата во мобилната телефонија, а во некои делови од градот имаше и проблеми при снабдувањето со електрична енергија. Пријавени се и помали штети на станбени објекти и на возила.

Управувачкиот комитет за справување со кризи веднаш по земјотресот во 15 часот и 10 минути одржа состанок по кој упати повеќе препораки до граѓаните.

До завршување на состанокот, односно до 18 часот и 20 минути до отворениот телефон на Центарот за управување со кризи имало 80-тина јавувања. Граѓаните дотогаш известиле за околу 30-тина штети кои се настанати во рамки на нивните објекти.

– Би го повторил она кое што го кажаа сеизмолозите, а тоа е сите оние граѓани кои што имаат потреба да пријават определена штета, тоа да го направат на отворениот телефон 195 или пак на мејл на ЦУК, за потоа тимови кои што се предводени од ИЗИИС да ги посетат истите овие објекти и да направат потоа увид во степенот на оштетување на определениот објект. Покрај тоа што граѓаните ќе можат да ги пријавуваат своите потреби за присуство на стручни тимови, Управувачкиот комитет ги задолжи сите општински кризни штабови во градот Скопје, како и кризниот штаб на Град Скопје, да извршат паралелно обиколка на сите определени места во нивната општина, особено во проверка на патната инфраструктура, инфраструктурата во делот на водовод, канализација, изјави Ѓорѓиев.

Управувачкиот комитет апелираше да нема лажни повици, и да се пријавува само ако има пукнатини на ѕидови и потпорни греди на тврди градби, а не на помошни простории.

На оние, пак, на кои им е потребна медицинска помош да се јават на бројот 194 наместо да одат во болниците.

Надлежните ги упатуваат граѓаните и на Упатството за самозаштита на од земјотреси што може да се преземе на следниот линк: http://www.dzs.gov.mk/extra/doc/Upatstvo_-_zemjotresi.pdf

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.