Вести
Повредени пратеници и новинари во упадот во Собранието
Пратениците од парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието, по што демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“, влегоа во Собранието.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателот на партијата Дамјан Манчевски се повредени, откако дел од демонстрантите упаднаа во прес-салата на Собранието и ги нападнаа. Дел од телевизиските камери го прикажаа Заев со крваво чело.
Демонстрантите велат дека ова сега е Народно собрание и дека тие нема да си одат од таму. Ја пеат химната, извикуваат „Македонија“ и „Избори“, а пеат песни со навредлива содржина за Албанците.
Според информации од терен во Собранието се уште се блокирани и дел од колегите новинари.
Екипи на брзата помош интервенираат во зградата на Собранието, а дел од повредените пратеници самоиницијативно побарале помош во Градската општа болница која се наоѓа во непосредна близина.
Инаку за вечерва е најавена и вонредна изјава од страна на претседателот Иванов, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски ги повика граѓаните на смиреност преку социјалните мрежи.