Актуелно
ПОВТОРНО ОД ТЕБЕ ЗАВИСИ: Климатски предизвик за сите граѓани
На денешната прес конференција беше претставен новиот климатски предизвик отворен за сите граѓани на Македонија.
Предизвикот е објавен од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД), во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Вториот конкурс ги поканува сите граѓани да достават предлози за иновативни проекти насочени кон сеопфатната цел на “урбана отпорност”, за:
Борба против климатските промени;
Намалување на загадувањето;
Заштита на зелените површини; и/или
Намалување на цврстиот отпад.
Најиновативната идеја ќе биде наградена со грант од $ 10,000 американски долари, од кои $ 1,000 ќе бидат доделени како парична награда, додека $ 9,000 американски долари ќе бидат доделени на победникот во форма на придонеси за да се поддржи развојот на идејата во прототип на решение. Ова вклучува технолошка поддршка, менторство и помош во изнаоѓање на партнери кои би можеле да бидат заинтересирани за усвојување на решението или за финансирање на неговиот понатамошен развој.
Предизвикот има урбан фокус, бидејќи градовите се главни причинители на климатските промени, а истовремено се соочуваат со драматични ризици од нивните последици, вклучувајќи поплави и екстремни временски појави.
„Борбата против климатските промени е една од седумнаесетте Глобални цели усвоени од сите земји членки на Обединетите нации минатата година“, изјави постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон. „Секоја земја и секој поединец има улога во оваа борба. Политиките и заложбите треба да се преточат во конкретни активности преку свежи идеи и ангажман од сите страни за нашите градови да станат побезбедни, позелени и почисти.“
На минатогодишниот климатски предизвик пристигнаа повеќе од 130 иновативни предлози од граѓаните. Двете победнички идеи – паметни влошки за обувки кои може да служат за полнење на телефони, како и серија на вирални видео клипови со цел подигнување на јавната свест за климатските промени – се веќе успешно развиени во прототипи.
Сигурно постојат уште многу добри идеи за споделување.
„Климатските промени не дискриминираат. За нив не е битно дали сте богати или сиромашни, млади или стари. Не е битно каква е вашата етничка, религиска, политичка припадност или националност. Ги засегаат сите поединци на планетата, и секој од нас треба да биде дел од решението”, рече Директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн. “Добрите идеи не се само во доменот на научниците и инженерите. Ги покануваме сите да ги стават своите капи за размислување за поддршка на глобалните цели за чиста енергија. Како што вели и слоган на конкурсот, “Од Тебе Зависи”.
Овогодишниот предизвик започна со тизер кампања на Водно, каде што познатиот ликовен уметник Симонида Филиповска наслика загадена слика на градот долу. Локалните кафулиња, ресторани и книжарници се вклучија во промоцијата преку забавни постови кои привлекоа внимание на хаштагот #одтебезависи.
Прогласувајќи го официјалниот почеток на кампањата, шведскиот амбасадор, Матс Стафансон, ја потсети публиката за потребата од искористување на сите потенцијални човечки ресурси во надминувањето на климатските промени.
„Одржливиот развој бара заедничка акција од влади активни во областа на животната средина, но уште повеќе, од граѓани активни во областа на животната средина кои ќе ги сменат нивните навики кон поодржливо однесување, и кои ќе придонесат, со нивната креативна и иновативна сила, во изнаоѓање и имплементацијата на паметни решенија. Овој предизвик е конкретна активност во таа насока. Се радувам што уште еднаш ќе го видиме креативниот потенцијал на Македонците во акција, и би сакал да ги охрабрам сите што имаат идеја како да придонесат кон поодржлива иднина да се пријават и да се обидат таа идеја да ја претворат во реалност“, вели шведскиот амбасадор, Матс Стафансон.
„Министерството за животна средина и просторно планирање со задоволство повторно го поддржува овој „климатски предизвик“ кој се покажа како успешна алатка преку која граѓаните од целата држава имаат можност да достават предлози за иновативни проекти насочени кон зголемување на “урбаната отпорност”. Се надевам дека сите оние кои имаат идеја како да го намалат ефектот од човековите дејствија врз природата ќе ја препознаат можноста нивните идеи да се претворат во реализација”, изјави Министерот за животна средина, Башким Амети.
Електронската апликација за конкурсот може да се најде на: http://odtebezavisi.mk
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 1. јуни, 2016 година.