Вести
Православните верници го слават Богојавление – Водици
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици кој се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.
Како и во минатите години, најмасовно се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Во Скопје се пријавени 150 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2018“.
Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го спушти крстот во Вардар од мостот „Слобода“.