Актуелно
Преговорите во Брисел траат и можно е да продолжат до полноќ
Повеќе од пет часа траат преговорите меѓу четворицата македонски политички лидери и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, за надминување на политичката криза во земјата и според најавите, можно е истите да траат до после полноќ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според информациите од состанокот во зградата „Берлемонт” на Европската комисија, постојано се менува форматот на преговарачите и преговарачките тимови, но постојано внатре се Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ), комесарот Хан и известувачот за Македонија од Европскито парламент, Иво Вајгл.
По заедничкиот ручек на сите преговарачи и олеснувачи, по 15 часот, во салата за преговори на шестиот кат во Еврокомисијата, присутни се и амбасадорите на Европската унија и Соединетите американски држави во Скопје, Аиво Орав и Џес Липинкот Бејли. Информациите се оскудни и речиси не постојат за тоа што внатре се случува.
Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, само потврди дека преговорите траат и оти комесарот Хан останува со македонските политички лидери до крајот на вечерта, бидејќи предвиденото патување за Босна и Херцеговина, планирано за 18 часот е одложено проади неисполнети обврски на босанските власти.
Претходно, гласноговорничката на неформалната Влада на Унијата, на прес-конференција во Брисел изјави дека ова не е прв состанок на политичките лидери од Македонија со комесарот Хан, туку продолжување на состаноците што се одржаа претходно, од кој последниот беше мината недела во Скопје, каде Хан кажа дека бројни прашања се дискутирани, но дека многу треба и понатмау да се разгледаат.
Состанокот се одвива и засега не можам да давам детали. Но, пошироко, нашата цел е да се најде решение за политичката криза во Македонија и нашите напори одат во оваа насока – децидна беше Коцијанчич.