Вести
Преку македонските аеродроми за девет месеци патувале 1,6 милиони патници
Преку двата македонски аеродрома Александар Велики и Св. Апостол Павле во првите девет месеци од годинава патувале 1.546.193 патници, што е за 12 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
Како што информираат од ТАВ Македонија, двата аеродрома од јануари до септември годинава опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за шест отсто на годишно ниво.
Според статистиките на ТАВ за патничкиот сообраќај, во првите девет месеци, најфреквентната дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (12,4 отсто), потоа следуваат Цирих (8,7), Виена (6,8 ), Базел (5,1), Малме (4,6) и Лондон (3,9 отсто).
Најголем број од патниците 57,5 отсто има превезено Виз Ер, а потоа следуваат Туркиш Ерлајнс со 8,5, Аустриан Ерлајнс 6,8, Германиа Флуг 5,1 и Пегасус Еррлајнс со 4,5 отсто.
Скопскиот аеродром годинава го имаше најпрометниот август досега, опслужувајќи 216.409 патници, со пораст од 23,7 отсто во патничкиот сообраќај и 22,4 отстотен пораст на бројот на летови, достигнувајќи рекордни бројки во сообраќајот досега, што беше потпомогнато од спортскиот настан – УЕФА Супер купот. Најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје беше 7 август кога се превезени 8.283 патници со 98 летови.
– Порастот на патничкиот сообраќај продолжи и во 2017 година, иако во првата половина од годината имавме релативно помал пораст, но по воведувањето на четирите линии од скопскиот аеродром и новите сезонски летови од охридскиот аеродром, во втората половина од годината, повторно забележавме двоцифрени бројки во порастот на бројот на патници. Очекуваме да ја завршиме годинава со солиден пораст на вкупниот број на патници, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Како аеродромски оператор ТАВ Македонија, додаде, и натаму ќе ги промовира скопскиот и охридскиот аеродром кај авиокомпаниите и тур-операторите, со цел да овозможи нови дестинации и нови авиолинии за нашите патници.
– Некои од неодамнешните маркетинг-активности беа присуството на Маркетинг-одделот на ТАВ Аеродроми на форумот World Routes во Барселона на крајот од септември, додека, пак, во изминатата недела бевме домаќини на група италијански новинари при нивната туристичка посета на Македонија, што треба да резултира со промоција на Македонија како туристичка дестинација на италијанскиот пазар, прецизира Ерсој.
Тој нагласи дека заедно со развојот на мрежата на авиолинии, ТАВ Македонија продолжува да го проширува и опсегот на аеродромски услуги, како и да го подобрува нивниот квалитет.
Оваа година од аеродромот во Скопје беа воведени пет нови дестинации. Во април почна да сообраќа новата линија до Будимпешта, а во текот на јули беа воведени линиите до Рим, Малта, Ваксјо и Доха. Виз Ер го постави четвртиот воздухоплов во базата на скопскиот аеродром, додека авиокомпанијата Катар Ервејс како нов бренд влезе на македонскиот пазар. На аеродромот во Охрид, беше воведена новата дестинација за Катовице, Полска.