Актуелно
Приведен скопјанец кој крадел во стан во Карпош
СВР Скопје приведе 28-годишен скопјанец и му поднесе кривична пријва за кражба. Се работи за лицето Б.A. кој во периодот меѓу 31 мај и 14 јуни во стан на ул. Јуриј Гагарин“ во Карпош извршил кражба стекнувајќи противправна имотна корист од околу 5.979.150 денари.
Тој го искористил познанството со ќерката на оштетените за да влезе во нивниот стан додека родителите биле на одмор. Знаејќи до кога ќе отсуствуваат, Б.А. подолго време престојувал во станот и често ја праќал нивната ќерка да му извршува обврски, за тој да остане сам и да пребарува во станот. Нашол чанта која ја отклучил со шрафцигер и од неа одзел поголемо количество златен накит. Одзел и камера, фотоапарати, мобилен телефон, часовник и други предмети.
По наредба на судија од претходна постапка е извршен претрес во стан кој пријавениот го имал земено под закуп, каде биле пронајдени дел од украдените предмети. На оштетените им се вратени откако ги препознале бидејќи, наведува МВР, се работело за уникатни златни парчиња.
Б.А. бил во бегство, но на 29 јуни е пронајден и префрлен во затворот „Идризово“ за издржување казна затвор за претходно извршени кривични дела – измами.
Пријавениот бил познат извршител на кривични дела од областа на имотните деликти и кривични дела против правосудството, за што од СВР Скопје во периодот од 2003 до 2014 година му биле поднесени 15 кривични пријави.