Актуелно
Прогласени победниците од третата Дедомразовска трка
На плоштадот „Македонија“ заврши третата Дедомразовска трка низ центарот на Скопје, во која оваа година учествуваа 450 лица облечени како Дедо Мраз. Тие се натпреваруваа во три категории, трчајќи по патека долга два километра.
Победници во категоријата млади се: Марко Јовановски (прво место), Калина Марковска (второ место) и Ива Цветковска (трето место). Во категоријата жени прва на целта стигна Рената Соколовска, второ место освои Тамара Славевска, а трето Ивана Кипријановска. Во категоријата мажи победник е Дарио Ивановски, на второ место Атанас Анчевски и на трето место Богдан Цветковски.
– Организацијата и реализацијата на денешниот настан се одржа совршено благодарејќи на нашите спонзори и поддршката која ја имавме од Град Скопје. Очигледно е дека сите учесници се расположени и убаво си поминуваат на овој забавен настан. Сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во денешната трка и да им честитам на победниците, истакна Методија Саздов, претседател на организацијата „Прв до врв“.
Дедомразовската трка се одржа во склоп на Новогодишниот базар „Подари среќа“. Трката почна напладне од плоштадот „Македонија“ каде и заврши по изминатата рута: улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“, „Даме Груев“, „Филип Втори Македонски“, покрај кејот на Вардар од МНР кон Археолошкиот музеј, плоштадот „Филип Втори“ и Камениот мост.
Наградите и медалите на најдобрите во трката им ги доделија претставници на Град Скопје, Конгресниот центар „Александар Македонски“, „Прв до врв“ и „Кока-кола“. За останатите учесници имаше подароци од организирана лотарија.