Актуелно
СЈО презеде 34 предмети, меѓу кои и „Пуч“
Специјалното јавно обвинителство воспостави стварна надлежност над 34 предмети, вклучително и на предметот познат во јавноста како „Пуч“, соопшти денеска јавниот обвинител Ленче Ристоска.
– Врз предметите на Основното јавно обвинителство Скопје РО.бр.2362/15 и РО.бр501/15 не е воспоставена стварна надлежност и предметите се вратени на постапување на надлежното основно јавно обвинителство. Во оваа насока дополнително е утврдено дека од доставените предмети уште два предмети се поврзани со изборни нерегуларности, така што бројот на предмети кои се однесуваат на изборни нерегуларности на кои ова Јавно обвинителство има воспоставено стварна надлежност изнесува 16, се вели во соопштението.
Во текот на денешниот ден, Специјалното јавно обвинителство побарало од лидерот на СДСМ доставување на материјалите од незаконски следените комуникации, кои ги поседуваат и за кои изразиле подготвеност дека ќе ги достават на нивно барање.
– Во текот на изминатата недела од страна на јавноста беа барани податоци за воспоставување надлежност за други предмети, како предметите познати во јавноста како „Монструм“, „Диво Насеље“, „Ровер“… За сите овие предмети ќе се произнесеме дополнително, откако ќе бидат прибавени материјалите од незаконски следените комуникации и ќе се пристапи кон нивно преслушување и анализа. Во моментот кога ќе имаме конкретни информации за овие предмети и кога тие и формално ќе бидат побарани со цел донесување одлука за стварна надлежност јавноста ќе биде известена, се вели во соопштението.
Специјалното јавно обвинителство информира дека од денеска сите барани истражители му се доделени и во овој момент вкупниот број на истражители е 13.
По однос на Законот за јавнообвинителската служба на ова Јавно обвинителство, од СЈО информиираат дека немаат добиено одговор од ниту една од институциите до кои што поднеле барање за информации, поради што во моментов ги разгледуваат законските можности за нивно натамошно постапување.
Од СЈО информираат дека во рамки на законски предвидениот рок доставен е и предметот од Основното јавно обвинителство Куманово, а воедно донесени се одлуки за надлежност за сите предмети кои биле доставени до ова Јавно обвинителство од Основните јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.