Актуелно
Што ќе прави Обама, откако ќе ја напушти Белата куќа?
Што ќе прави Барак Обама по јануари следната година, откако ќе ја напушти Белата куќа? Пред него се отвораат неколку перспективи по двата претседателски мандата, пишува весникот „Фигаро“, пренесува БТА.
Најпрво Барак и Мишел Обама немаат намера да го напуштаат Вашингтон.
Тие веќе изнајмиле голема куќа во близина на Белата куќа и ќе живеат таму две години, се додека нивната помала ќерка Саша не го заврши училиштето. Куќата е во квартот Калорама и има осум спални и девет бањи.
Од 1921 година немало случај поранешен претседател на САД да остане во Вашингтон. Поради тоа, коментира „Фигаро“ постои можност Обама по две години да се пресели во Њујорк. Тој таму може да предава право на Колумбискиот универзитет, каде што студирал на почетокот на ’80-те години од минатиот век. И Обама самиот претходно призна дека сака да предава.
Една од можните опциии е да предава на Универзитетот Хауард во Вашингтон, каде преовладуваат студенти Афроамериканци.
Обама може да се впушти во пишувањето мемоари, традиција на поранешни претседатели. Се оценува дека од книга со неговите мемоари може да оствари приходи од над 300 милиони долари.
Претседателот може да држи предавање и конференции, како еден од неговите претходници Бил Клинтон и за секоја од нив да добива хонорар од 250 илјади долари.
Друга варијанта за Обама е да се пресели во Чикаго, каде тој минал дел од животот со неговата сопруга Мишел Обама. Тој таму работел како социјален работник, потоа како адвокат и професор по право, а на крај и како член на Сенатот на сојузната држава Илионоис, пред да стане федерален сенатор.
Евентуалното враќање во Хонолулу на Хавајските Острови е последната веројатна опција за семејството Обама, кое таму традиционално ги минува божикните и новогодишните празници.