Актуелно
СИ-ЕН-ЕН: Бројката расте – 153 мртви и над 200 ранети во терористичките напади во Париз
Во терористичките напади во Париз од страна на координирани исламисти кои се се случија доцна во ноќта меѓу 13 и 14 ноември на повеќе места во центарот на Париз и во близина на Стад де Франс загинаа 153 лица, над 200 се ранети, од кои многу во критична состојба.
Во нападите се убиени осуммина терористи, од кои седуммина извршиле самоубиствени напади со активирање експлозив..
Престрелките започнаа нешто по 21 часот и 20 минути во Каријон, во десеттиот арондисман во Париз, каде најпрво се слушнала експлозија за која помислиле дека станува збор за петарда, по што човек, со откриено лице влегло и почнал да пука од автоматско оружје. Биле испукани два плотуни, првиот беше насочен кон Ле Каријон, а потоа, по мала пауза, вториот насочен кон ресторанот Малку Камбоџа.
“Ние само слушнавме како луѓето врескаа, не го чувме стрелецот, има десетина мртви тела”, изјавија неколку сведоци. Малку подоцна и малку потаму кон каналот Сен Мартин, во предниот дел на Мекдоналдс, имаше “Клио изрешетано со куршуми, мотоцикл на земја и најмалку две лица тешко повредени”, објави еден новинар од Ле Монд на Твитер .
Во концертната сала Батаклан, каде се одржуваше рок концерт се слушнала експлозија и дваесетина истрели. Според сведоци кои се наоѓале во салата имало 3-6 стрелци.
Во меѓувреме, други сведоци, објавија дека двајца мажи отвориле оган на улицата Шарон, (единаесеттиот арондисман) на кафе тераса,: “.Слушнавме повеќе од 100 истрели” Нападот беше наменет, според сведоците, во барот „Ла беле екип“, кои се наоѓаат на аголот на улиците Шарон и Федхербе.
Една жена пријави дека видела од нејзиниот прозорец, на улицата Шарон двајца од напаѓачите. “Две лица излегоа. Тие имаа пушки. Слушнав истрели. Многу истрели. Тоа траело најмалку три минути. Имаше паника. Тогаш тие се вратија во автомобилот. Тие заминаа директно на станицата Шарон”.
Додека операциите беа во тек, францускиот претседател Франсоа Оланд и се обрати на француската нација, неколку минути пред полноќ, соопштувајќи им дека ја мобилизра армијата која се распоредува во Париз, дека прогласил ургентна состојба на целата државна територија и затворање на границата на земјата.
„Сите можни сили треба да се мобилизираат за да се неутрализираат терористите, подвлече францускиот претседател, кој притоа истакна дека „Париз беше цел на досега незапаметен терористички напад“.
Сценариото е тоа од кое стравуваа сите полициски служби на Франција, повеќе симултани напади на повеќе различни места.
Во текот на ноќта, преку радио и телевизиските канали, француските власти ги повикаа жителите на Париз да не излегуваат на улица и да останат смирени.
Според сведоците на нападите, напаѓачите викале дека нивната акција била во името на она што се случува во Сирија и Ирак, што го дава потписот на Исламската држава.