Вести
Силниот ветер во Битолско предизвика штети на повеќе објекти
Силниот ветер кој со најмоќни удари дуваше во периодот од 05.30 до 6.30 часот предизвика повеќе штети на приватни и јавни објекти во Битола и Битолско.
Од регионалната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување од кризи потврдија дека се прибираат информации за предизвикани штети, откорнати дрвја и настрешници, а во повеќе села има и прекин на снабдувањето со електрична енергија.
– Повеќе и поконкретни информации ќе соопштиме во текот на денот, истакна Димче Јошевски, раководител на регионалната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување од кризи во Битола.
Според АМСМ, ветар со силен интензитет има на Попова Шапка, Стража и Маврово.