Скопје
Кампањата “Биди срцевина, Биди херој” во сабота ќе биде меѓу Виз Ер скопските маратонци
Универзитетската Клиника за хематологија-Скопје ги информира граѓаните дека за време на одржување на Виз Ер скопскиот маратон (4 мај, сабота со почеток во 8.00 часот), може да се обратат на штандот бр 20 на Клиниката и да се запишат во Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.
На штандот ќе бидат ангажирани стручни тимови од Универзитетската Клиника за хематологија-Скопје и Институтот за Имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, кои стојат на располагање да го објаснат процесот на зачленување во регистарот. Ќе бидат обезбедени услови за дарување на една епрувета крв-5 милилитри кои се доволни за да се направи ХЛА типизација. Со овој гест ќе станете дел од глобалното семејство кое брои над 30.000.000 доброволни дарители на коскена срцевина во светот.
Потсетуваме дека е во тек национална кампања „Биди срцевина, биди херој“, која ја спроведува Клиниката за хематологија во соработка со Институтот за имунологија и хумана гентика при Медицинскиот факултет во Скопје, а со поддршка од Министерството за здравство.
Целта на оваа кампања е подигање на свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во националниот дарителски регистар, секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.
Клиниката апелира до сите учесници на маратонот да ја покажат својата хумана и солидарна страна и да се впишат во регистарот.