Скопје
Лица со кучиња придружник ќе можат да се возат во автобусите на ЈСП
ЈСП Скопје соопшти дека лицата со посебни потреби со куче придружник ќе можат да ги користат возилата на ЈСП и кабините на Жичарницата.
Како што се наведува во соопштението, одлуката е донесена, бидејќи „кучињата придружници се од голема помош на посочената категорија лица, имајќи во предвид дека тие им се од голема корист како дополнително помагало во извршување на секојдневните обврски и активности“.
Од ЈСП апелираат и до останатите јавни институции, маркети, кина, театри, трговски центри, да донесат соодветна одлука, а со тоа да се вклучат во подигнување на јавната свест за отворени врати и слободен пристап на кучињата придружници на лицата со хендикеп.
Исто така, им укажуваат на останатите корисници да се воздржат од негативни реакции доколку се доведат во ситуација да се возат со лице со куче придружник, бидејќи кучињата се безопасни по околината, тие се специјално дресирани со намена за придружба и движење на посочената категорија лица.