Вести
СЛУЧАЈ „РОТВАЈЛЕР“: Проблемот не е во животните, туку во нивните сопственици
Последниот инцидент со ротвајлерот во населбата Ново Лисиче кој искаса жена и неколку деца, ја разбранува и подели јавноста. Повторно се отворија прашањата – во кого е одговорноста и зошто секогаш се реагира откако нешто ќе се случи? Дали е решение тоа што граѓаните ја земаат правдата во свои раце, каде се институциите и имаме ли воопшто систем кој функционира?
Според ветеринарите, проблемот не е во животните, туку во нивните сопственици.
Случајот со ротвајлерот е крајно непријатен, но е директна последица на неодговорно сопствеништво, дециден е претседателот на Ветеринарната комора на Република Македонија Томислав Николовски.
Тој решението го гледа во масовна идентификација и регистрација на милениците за што, потенцира, државата не смее да штеди пари.
– Го разбираме бесот на луѓето по масакрот што се случи. Но, агресивното однесување на животното е последица на несоодветниот третман од страна на сопственикот. Не се виновни животните. Тие се одраз на сопственикот. Добро одгледувано животно, никогаш не пројавува асоцијално, агресивно однесување. Секако, има исклучоци, но тие се многу, исклучително ретки, вели Николовски во разговор за МИА.
Овој проблем, додава, е индикатор на нашето цивилизациско ниво, покажува колку сме зрели. Во Виена, во денешно време, 10 – 11 луѓе да бидат искасани од куче е незамисливо зашто сите миленици се чипирани и вакцинирани.
Удираме по самарот, неможејќи да удриме по магарето
– Држава која инклинира кон друштво на цивилизирани земји, не смее да си го дозволи ова. И тука не смее да штеди средства. Ние сега што правиме? Удираме по самарот, не можејќи да удриме по магарето. Почна масовно труење на кучињата, што е страшно и за тоа некој ќе мора да сноси одговорност. Ќе настрадаат маалските кучиња кои се социјализирани, чувани, а дополнително е и јавно-здравствен проблем зашто се фрлаат отрови од кои може, пред се децата да се отрујат. Таквото решавање кога граѓаните ќе ја земат правдата во свои раце е апсолутно неприфатливо и е за секоја осуда, истакнува Николовски.
Според него, системот мора да функционира по принципот „морков и стап“. Државата ќе обезбеди бесплатно чипирање, но високи ќе бидат казните доколку сопствениците тоа не го направат.
– Мора да разбереме дека ова не е тривијално прашање, а нивото на свеста кај сопствениците е ниско. Не можеме да се потпираме на нивната свест. Мораме да најдеме начин на имплементација на законската обврска милениците да се чипираат, нагласува Николовски.
И во однос на кучињата-скитници, ситуацијата е парадоксална.
– Глутниците што ги гледаме низ македонските градови како во среден век, е несоодветно. Смешни сме, зашто покрај барокните фасади имаме такви сцени. Парадоксално е и тоа што општините од една страна даваат пари за отштета, а од друга, штедат и го сметаат ова прашање со кучињата – скитници како тривијално. Ако за паркови и зеленило, што е исто така многу битно прашање, се одвојуваат 100 пати повеќе, карикирам, пет милиони за клупи, а 150.000 денари за проблемот со кучињата – скитници, покажува елементарно непознавање и неписменост, додава нашиот соговорник.
Негова оценка е дека ротвајлер, германски и белгиски овчар, пит бул и стафорд териер се некои од расите кои може да бидат потенцијално опасни или расно инклинираат кон зголемена агресивност. Но, повторно, клучен е третманот на кучето од страна на сопственикот.
Регистрација и идентификација
Во однос на регистрацијата и идентификацијата, треба само да се пресликаат одредени модели што се веќе применети во Србија, Словенија,… Чипирањето чини околу 800 денари, а се прави кога кучето е мало, од три до шест месеци. Чипот се аплицира подкожно и останува во животното до крајот на животот.
Дали некое куче – миленик има чип, контролираат ветеринарните инспектори, но во иднина таа надлежност може да се делегира и кај комуналните инспектори, полицијата,…
Ингеренции на Вардариште
Ротвајлерот е се уште во стационарот Вардариште, подложен е на детални анализи, на испитувања дали е заболен од беснило, изјави за МИА портпаролката на ЈП Комунална хигиена Ана Марија Бранѓолица.
Покрај децата, беа нападнати и возрасни граѓани, а последната официјална информација е дека помош на Инфективна клиника побарале вкупно девет лица, но на социјалните мрежи граѓани коментираат дека бројката на нападнати достигнува 22.
Испитувањата траат околу две недели, но без разлика на исходот од анализиите ротвајлертот ќе биде еутаназиран, согласно правилата по кои работи стационарот.
Ротвајлерот бил домашно куче, но бидејќи не бил чипиран, не може да се најде неговиот сопственик. Кучето е изолирано и се чува во карантин.
Бранѓолица нагласи дека стационарот работи по програмата „Залови, стерилизирај, врати“ која согласно Британската асоцијација за заштита на животните беше донесена пред десет години од Град Скопје, а оттогаш функционира и Вардариште.
Праксата е да се заловат сите кучиња – скитници. За оние што покажале прекумерна агресија или кои боледуваат од некоја неизлечива болест, крајниот исход секогаш е еутаназија, додека останатите се подложени на детални анализи, им се става маркичка и потоа се пуштаат на местото на кое се заловени за полесно да се снајдат во средината во која живелее.
Просечно во стационарот има по околу 20 кучиња, а неговиот капацитет изнесува 100 кучиња.
Кој е поважен – човекот или животното?
Јавноста е поделена околу тоа кој е поважен, човекот или животното. Кој е жртвата, а кој напаѓачот, на кого треба да се „удри“, каде е вината, кој е одговорен?
По социјалните медиуми се шират апели за масовно труење на животните, низ повеќе населби се расфрлани отрови, што предизвикува дополнителна вознемиреност и долева масло на и онака веќе разгорениот оган.
„Организираме акција на труење со познатиот отров ЛАНАТЕ, со кој за две минути кучето веднаш умира. Итно вечер ќе извршиме труење со отровот за да нема повеќе немили настани, како овој што се случи, а ако некој се обиде да не спречи ќе биде веднаш кастриран и линчуван, да живее Хитлер“, е ФБ статус со апел за труење на животни во градот.
„Ланате“ е забранет за продажба и е отров од прва класа. Нема ниту вкус, ниту мирис. Фармацевтите велат дека ако се стави во мали количини во вода, може веднаш да усмрти човек. Но, иако е забранет, многумина може да го купат, ако на пример кажат дека им е потребен за земјоделски активности. Сто грама чини 350 денари.
Отров е забележан на улица „Партизанска“ кај Универзална сала, во околината на зградата на ВМРО-ДПМНЕ, Фершпед, Водовод, Министерство за правда и Министерство за труд и социјала, кај Неуромедика, во Капиштец кај паркчето спроти Католичка црква и околу трговскиот Беверли Хилс. Отров има и во општина Аеродром во близина на црквата Св.Илија.
Од „Анима Мунди“ велат дека со ваквите постапки граѓаните и животните се изложуваат на многу поголема опасност.
Поставувањето отров е кривично дело и за тоа се одговара. Отруените животни се мачат и умираат во тешка агонија, а може да биде кобен и по животот на децата.
На социјалните медиуми се појавија и апели за спречување на трујачите „Повик за акција за граѓански патроли против трујачите! #ПатролаПротивОтровиВдишување“. Се повикуваат граѓаните да одат во патроли и да го спречат труењето на животните, но и опасноста на која се изложуваат луѓето.
Другата крајност е релативизирање на настанот, односно одење во екстремот дека премногу паника се крева околу нападите, а сето тоа во прилог на заштита на правата на животните.
„Кога едно дете ќе го искаса куче веднаш паничите, а тоа што се убиваат 56 милиони животни за да се нахраните, не е за паника“, беше еден од ФБ статусите што предизвика лавина негативни реакции, а сопственичката на профилот веднаш потоа го деактивира.
Бранѓолица упати апел до граѓаните да не преземаат мерки на своја рака, во врска со информациите дека во повеќе населби во градот е фрлен отров од кој гинат животните. Доколку забележат дека некое животно е болно или покажува агресивност, веднаш да пријават на дежурниот телефон на Вардариште.
Една од жртвите на нападот: Труењето на животните не е решение
Една од жртвите на нападот за МИА ја раскажа траумата, која ја доживеала во четвртокот вечерта враќајќи се кон својот дом во Ново Лисиче. И таа е, како што вели, голема љубител на животни, чува куче, а неретко во нејзиниот двор засолниште наоѓаат и улични кучиња.
Ротвајерот не покажувал никакви знаци на агресивност, ниту назнаки дека ќе се случи тоа што следело. Се приближил до неа и наеднаш ја гризнал во пределот на половината, ја соборил на земја, а потоа почнал неконтролирано да ја гризе по левиот колк. Со жената бил сопругот, кој буквално легнал наземи и влегол во битка со животното. Тегнејќи го за уши, го оттурнал од сопругата и држејќи го и направил пат да побегне. Никој од околните минувачи не притрчал на помош.
Нападот се случил околу 20:20 вечерта на паркинг во Ново Лисиче, а жената претходно немала сознанија дека и други луѓе биле нападнати. Случајот го пријавиле во полиција, а потоа заминала во Ургентен центар, па на Инфективна клиника, каде примила тетанус.
Во целиот процес на пријавување на случајот најголема загриженост забележала кај шинтерските служби. Тие стравувале дека доколку преземат нешто, а кучето има сопственик, дека тој ќе ги тужи. Таа тука ја посочи нефункционалноста на системот и пред се блокираноста, како што раскажа, на институциите во одработувањето на своето, губејќи го чувството за приоритет.
И покрај немилиот настан со кој се соочила, соговорничката на МИА не го оправдува фрлањето отров по улиците зашто смета дека е опасно не само за животните, туку и за луѓето, а особено за децата. Смета дека целата приказна е поддржана од љубителите на животните, кои меѓудругото бараат да се регулира увозот на миленичиња.
– Во земјава има нелегален увоз на кучиња, кои имаат лажни пасоши, лажни чипови, кои не се детектираат, дополнува жртвата на ротвајлерот.
Нема податок за бројот на кучиња – миленици
Не се знае колку имаме кучиња – миленици зашто за тоа е неопходен широк опфат на идентификација, а едвај 20 отсто од кучињата – миленици се вакцинирани против беснило што, според претседателот на Ветеринарната комора е недозволиво за земја која географски се наоѓа во Европа.
– Опфатот на идентификацијата на домашни миленици засега е многу низок. Во 2013 година е ставен во функција Правилникот за идентификација и регистрација на домашни миленици, но за да се имплеметира во целост, требаше да биде оперативен модулот на електронскиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Модулот дури оваа година станува оперативен, објаснува Николовски.
Откако стана функционален, од почетокот на годинава, во модулот за домашни миленици од Ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се регистрирани преку 2.500 домашни миленици – кучиња.
АХВ кон крајот на ноември 2017 достави барање до Владата за набавка на 100.000 микрочипови за домашни миленици. Од иднатата година, бесплатно, преку ветеринарните друштва, овие микрочипови ќе бидат аплицирани на домашните миленици.
Мирјана ЧакароваАна Цветковска