Актуелно
Снежен ден низ цела Македонија
Сообраќајот на сите патишта во државата се одвива без забрани и застои, по претежно влажни коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија.
Снег паѓа во Обиколница Скопје, Петровец, Кула, Велес, Тетово, Попова Шапка, Делчево, Смојмирово, Ресен, Железнец, Струмица, Павлешенци, Страцин, Кичево, Гостивар, Крушево, Прилеп, Стража, Ѓавато, Буково, Пресека и Македонски Брод.
Снежна покривка има во Маврово од 6 сантиметри, Крушево 4 и во Тетово, Лазарополе и Берово од 3 сантиметри.
На коловозите има остатоци од снег по интервенцијата од дежурните екипи на Ј.П. Македонијапат.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.
Од 15 ноември на сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничниот премин Деве Баир се чека околу 15 мин за излез од државата, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.