Актуелно
Со Дедо Мраз и децата започнува новогодишната забава во Скопје
Новогодишната прослава за пречекот на 2016 година Град Скопје ќе ја организира на плоштадот „Македонија“. Присутните ќе ги забавуваат Оливер Драгоевиќ, Тамара Тодевска и диџеј. На полноќ ќе има богат огномет.
Програмата за пречекот на Дедо Мраз почнува во 11:40 часот со театарска престава за најмалите, во 12 часот ќе има спуштање на Дедо Мраз од Триумфалната порта „Македонија“ и негово патување до плоштадот со пајтон и вовче.
Главниот град во пресрет на празниците е украсен со декоративни елементи и специјално осветлување. Централната новогодишна елка која е поставена на плоштадот „Македонија“ е висока 18 метри, и е осветлена со 50.000 светилки, 250 блиц светилки, 100 капки и 60 светлосни фигури, а ќе свети во различни бои.
Декорирани и украсени со светлосни елемени се и плоштадите „Македонија“,„Пела“,„Филип Втори“,„ВМРО“ и просторот пред црквата „Св. Димитрија“.
Во централното градско јадро украсени се булеварот „Илинден“ до крстосницата со улицата „Френклин Рузвелт“, просторот пред Владата, улицата „Даме Груев“, булеварот „Партизански одреди“ до крстосницата со булеварот „8 Септември“ и платото пред Универзална сала, улиците „Димитрие Чуповски“,„11 Октомври“, „ВМРО“,„Филип Втори Македонски“.
Украсено е на потегот од крстосницата кај Специјалната болница за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, просторот пред Судската палата и булеварот „Гоце Делчев“ од ТЦ „Мавровка“ до Владата, Старата чаршија пред националната галерија „Чифте амам“. Украсен е паркот „Жена борец“, просторот пред црквата „Св. Богородица“, улицата „Македонија“ и булеварот „Климент Охридски“ од Владата до зградата на „Нова Македонија“.
За украсувањето на Скопје годинава е задолжена фирмата „Линк Медиа Плус“ Скопје, за што градските власти ќе издвојат 10.400.000 денари.
По примерот на светските метрополи, првпат во Скопје има Божикен маркет. До 13 јануари на градскиот плоштад „Македонија“, секој ден во попладневните часови за најмладите ќе има забавна програма со Дедо Мраз. Ќе има секојдневни музички настапи на македонски артисти, а на крајот од вечерта шоу со огномет и акробати.
Поставени се штандови со пиво, греено вино, ракија, колачиња, пецива, чоколади, колбасици на германски начин, топли напитоци, млечни производи, мезиња…
На 27 декември се одржа втората дедомразовска трка во Скопје на која учествуваа повеќе од 300 учесници. Стартот и целта беа на плоштадот „Македонија“, а се трчаше на траса долга 1,5 километри, низ „Порта Македонија“, до Градската полница, по улицата „Филип Втори“ до кејот на реката Вардар (од страната на зградата на МНР), преку плоштадот „Филип Втори“ и Камениот Мост.
Трката е во рамки на новогодишната програма на Град Скопје. Слична ваква трка се одржува во голем број светски метрополи.